БиХ, Србија и Косово поради застој во реформите остануваат без средства од ЕУ
Европската комисија ќе ги прераспредели средствата од Планот за раст за Западен Балкан, а парите кои беа наменети за Босна и Херцеговина, Србија и Косово ќе бидат насочени кон трите земји кои постигнале најголем напредок. Ова го објави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен по самитот на ЕУ и Западен Балкан во Брисел.
Црна Гора и Албанија треба да добијат 15 проценти повеќе средства, додека за Македонија е предвидено зголемување од 10 проценти. Претседателката на Комисијата објасни дека целта е да се искористат расположливите средства за да се поттикнат конкретни резултати.
„Во наш силен интерес е да ги искористиме расположливите средства. Мора да ја искористиме можноста што се парите достапни, да ги инвестираме и да обезбедиме дека тие ќе донесат конкретни резултати“, рече Фон дер Лаен.
Планот за раст е вреден шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни кредити. Програмата се спроведува до 2027 година, а парите се исплаќаат дури откако државата ќе ги спроведе договорените реформи. Доколку не се спроведат дури ни во дадениот дополнителен период, Комисијата може да ги прераспредели тие средства на други земји во регионот.
Црна Гора, Албанија и Македонија досега покажале најголем напредок во спроведувањето на реформите. Според податоците од Европската комисија, Албанија добила 212,8 милиони евра од Планот за раст до мај, Македонија 142,1 милиони евра, а Црна Гора 89,3 милиони евра.
Истовремено, податоците на Комисијата од август покажуваат дека Босна и Херцеговина била единствената земја што не добила ниту почетно претфинансирање. Рокот за поднесување на првото барање за плаќање истече на 30 јуни. Србија не учествуваше на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Брисел бидејќи процесот на формирање нова влада е сè уште во тек.



