„Ахилов штит“: Израел и Грција ја продлабочуваат воената соработка
Израел потпиша договор за оружје вреден повеќе милијарди долари со Грција, најголем во историјата на воената соработка меѓу двете медитерански земји, бидејќи извозот на израелско оружје достигна рекордно високо ниво.
Израелското Министерство за одбрана денес соопшти дека договорот за извоз вреден три милијарди евра, наречен „Ахилов штит“, е еден од најголемите во историјата на земјата и вклучува повеќеслоен систем за воздушна одбрана за Грција базиран на израелска технологија.
Договорот вклучува неколку израелски системи, вклучувајќи ги „Дејвид слинг“ и „спајдер“, како и нов национален систем за команда и контрола. Покрај главниот договор, потпишан е договор од 26 милиони евра за продажба на системот „дрон дом“ на компанијата Рафаел, се вели во соопштението.
„Израел и Грција делат заеднички стратешки интереси и се соочуваат со заеднички регионални предизвици. Во време кога актерите со хегемонистички амбиции се обидуваат да го прошират своето влијание и да го дестабилизираат регионот“, рече израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Според официјалните бројки, извозот на израелско оружје минатата година надмина 19 милијарди долари, што е зголемување од 30 проценти во однос на 2024 година, и покрај острите критики за начинот на кој Израел води војни во Газа, Либан и Иран.
Експертите велат дека владите избираат израелско оружје затоа што е тестирано во борбени услови и затоа што можат од прва рака да видат дека муницијата и воените системи функционираат.
Израел и Грција ја продлабочија воената соработка во текот на изминатата деценија. Но, договорот потпишан денес претставува нивен најзначаен договор досега, бидејќи Грција се стреми да ги модернизира своите вооружени сили за да биде во чекор со соседна Турција, исто така членка на НАТО, во услови на долгогодишни спорови околу поморските граници во источниот Медитеран.
„Современите конфликти веќе ги променија рамките на воената одбрана и одвраќање. Технологијата, балистичките ракети, сателитските комуникации, беспилотните системи, сајбер заканите, хибридните форми на војување и поврзувањето на различни области на воени операции одамна ги направија постојните одбранбени доктрини целосно застарени“, изјави грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас во изјава по потпишувањето на договорот.
Повеќе од половина од продажбата на израелската одбранбена индустрија е поврзана со ракети и системи за воздушна одбрана.



