Спорт

Над 200 скејтери од цел свет на Мистик скејт купот во Прага

Последниот викенд во јуни, Прага ќе биде домаќин на Мистик скејт купот 2026, еден од најголемите и најпрестижни скејтборд фестивали во Европа. Од 26 до 28 јуни, на островот Штваниче ќе се одржи 31. издание на настанот, кој годинава ќе собере над 200 врвни скејтери од целиот свет и награден фонд од 30.000 американски долари.

Натпреварувачи од дваесетина земји ќе настапат во дисциплините street, vert и bowl. Натпреварите ќе вклучуваат квалификации, финалиња и специјални настапи, а настанот традиционално привлекува и голем број посетители од цела Европа. Овој тридневен фестивал е дел од Светскиот скејбординг куп.

Мистик скејт купот се одржува од 1994 година, во самиот центар на Прага, и важи за едно од најреномираните и најдолговечни скејт натпреварувања во Европа. Во неговата историја учествувале некои од најголемите имиња во спортот, како Тони Хок, Дејвид Гонзалес, Дастин Долин, Кристијан Хосои, Рони Кригер, Арто Саари, Џеф Роули, Бастиен Салабанци, Рун Глифберг, Летиција Буфони, Анџело Кaро, Адриен Булард и многу други.

Годинава, настанот повторно ќе го води легендарниот Дејв Данкан од Калифорнија, препознатливо лице на фестивалот уште од самите почетоци.

Освен спортскиот дел, програмата нуди богата музичка сцена со настапи на меѓународни и локални бендови и диџеи, како и зона во која водечките брендови ги претставуваат своите најнови производи. Во живо ќе настапат светски имиња како Dilated Peoples, Dog Eat Dog и Dune Rats.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons