Македонија

ИСЧЕЗНАЛА СТОКА ОД 344 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, БУЏЕТОТ ОШТЕТЕН ЗА НАД 100 МИЛИОНИ: Кривична пријава за сопственик на фирма!

Недостиг на стока вредна над 344 милиони денари, неплатен ДДВ и данок на личен доход од над 100 милиони денари – Финансиската полиција поднесе кривична пријава против сопственик и управител на правно лице.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против едно физичко лице, сопственик и управител на правно лице, како и против самата фирма, поради сомнение за даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги.

Според наводите на Финансиската полиција, во текот на 2024 година, првопријавениот В.Т. свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист, присвоил трговска стока која била евидентирана како залиха на компанијата.

При физичкиот попис, извршен од комисија формирана од стечајниот управник, стоката не била затекната на лице место. Утврден бил кусок во вкупна вредност од 344.122.292 денари, кој, според пријавата, не бил евидентиран во сметководствената документација на правното лице.

Од Финансиската полиција посочуваат дека за присвоената стока не биле пресметани, пријавени и платени законските даночни обврски.

„Не биле пресметани, пријавени и платени даночните обврски по основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) во износ од 61.942.013 денари и данокот на личен доход во износ од 38.231.987 денари“, информираат од Управата за финансиска полиција.

Со ваквите дејствија, според пријавата, биле избегнати даночни обврски во вкупен износ од 100.173.999 денари, со што бил оштетен Буџетот на Република Северна Македонија.

Случајот е пријавен за кривичните дела „Даночно затајување“ од член 279 и „Фалсификување или уништување деловни книги“ од член 280 од Кривичниот законик.

Надлежното Основно јавно обвинителство Скопје треба да постапува по поднесената кривична пријава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons