МакедонијаНајново

Две друштва за брзи кредити добија забрана за издавање кредити, Министерството за финансии изрече и глоби

Две финансиски друштва во Македонија добија привремена забрана за одобрување кредити во траење од 30 дена, како и парични глоби, по вонредниот надзор што го спроведе Министерството за финансии во изминатите три месеци.

Контролите биле спроведени по пријави од граѓани, при што биле утврдени неправилности во работењето на финансиските друштва. Министерството засега не ги објави имињата на друштвата, конкретните прекршоци, ниту висината на поединечните глоби.

„Вонредниот надзор беше спроведен во последните три месеци постапувајќи по пријави од граѓани при што презеде соодветни мерки согласно законските прописи“, соопштија од Министерството за финансии.

Според податоците на Министерството, од јули 2024 година до денес се одземени четири дозволи за работа на финансиски друштва, а изречени се и мерки за привремено затворање на три друштва.

Во истиот период, глобени се 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Издадени се и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.

Од Министерството посочуваат дека особено внимание се посветува на претставките и пријавите од граѓаните, преку кои се добиваат информации за евентуалните неправилности и ризици за корисниците на финансиски услуги.

Граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за незаконско работење на финансиските друштва можат да поднесат пријава преку архивата на Министерството, по пошта или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk.

Министерството за финансии најавува продолжување на засилениот надзор над финансиските друштва, со цел поголема транспарентност во нивното работење и заштита на граѓаните кои користат брзи кредити.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons