Во новиот Кривичен законик се предлагаат казни до 15 години за злоупотреби, се преиспитуваат и роковите за застарување
Казни до 15 години затвор за злоупотреби поврзани со јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства се предвидуваат во предложениот текст на новиот Кривичен законик. За него денеска во МАНУ се одржа првата од четирите јавни расправи.
Предлогот треба да ги систематизира кривичните дела, вклучително и дел од оние што досега биле уредени во други закони, и да го усогласи кривичното законодавство со европските правила, објави 4news.mk
На расправата беше посочено дека во новиот текст поопширно и поконкретно се уредуваат делата поврзани со јавните финансии и злоупотребата на службената положба и овластувањата.
„Во новиот Кривичен законик посебно се уредува злоупотребата на службената положба и овластување, како и злоупотребите при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, каде се пропишани казни до петнаесет години затвор“, беше истакнато на расправата.
Притоа беше нагласено дека висината на казните сама по себе не е доволна.
„Најстрогата казна нема значење ако системот не е способен да обезбеди ефикасна постапка, правилно утврдување на одговорноста и законита судска одлука“, беше една од пораките.
Академик Владо Камбовски се осврна на роковите за застарување, посочувајќи дека ова прашање ќе треба дополнително да се преиспита за одделни категории кривични дела.
„Кај најтешките облици на злоупотреба на основното дело на злоупотреба на службената должност, рокот на застареност е дваесет години од извршување на делото“, рече Камбовски, објави 4news.mk
Тој додаде дека препораките на Европската комисија и директивите во одделни области налагаат дополнително разгледување на роковите. Како можност посочи кај службените дела поврзани со највисоките државни функции застарувањето да се врзе со траењето, односно со престанокот на мандатот. *Ова беше изнесено како можност за разгледување, а не како конечно утврдено решение.
Постојниот Кривичен законик е донесен во 1996 година и во изминатите три децении претрпел бројни измени, што, според учесниците, ја наметнува потребата од нов, посистематизиран текст.
Предлогот е испратен на мислење во Европската комисија и е објавен на ЕНЕР, каде што стручната јавност може да доставува забелешки и сугестии.



