Ќе паднат ли и маските за средношколците, ќе се вратат ли екскурзиите?
Укинување на носењето маски за учениците во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии за учениците во основните и средните училишта, препорача Комисијата за заразни болести на вчера одржаниот состанок. Останува да важи препораката наставниот и техничкиот кадар да носат маски.
– За укинување на останатите мерки кои се се уште во сила ќе почекаме уште една недела. Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува и бројот на новозаразени и хоспитализирани.Се празнат болничките капацитети, има мала стагнација на репродукцискиот број, меѓутоа тоа не значи дека капацитетот на здравствениот систем не е релаксиран во моментот. Трендот е позитивен. Одиме во насока на тоа да имаме позитивна добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела се уште ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати, изјави портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ.
Учениците или родителите кои сметаат дека нивните деца се уште треба да носат маски, може да ги носат, без оглед на тоа што се укинува таа задолжителна мерка.
Од епидемиолошката состојба ќе зависи дали следен чекор и препорака на Комисијата ќе биде укинување на носењето маски за студентите на факултетите.
– Имаме позитивен тренд кој ни ветува многу дека можеме да размислуваме за тоа да се релаксираат мерките. Работиме согласно алатката за оценување на епидемиолошки кризи. Се покажа како квалитетна. Засега не гледаме влошување на состојбата, таа се уште е стабилна. Ако продолжи начинот на кој се одвиваат работите, може да очекуваме и таа мерка многу брзо ќе биде на дневен ред, можеби на следната седница, рече Мехмедовиќ.
Комисијата за заразни болести ќе ја разгледа и можноста за олабавување на мерката за влез во државата, како и за укинување на други ковид-рестрикции.