Штрајк во МАНУ, академиците незаинтересирани за платите на вработените
Вработените во Секретаријатот и стручните единици на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со допис до медиумите соопштија дека од денеска стапуваат во штрајк и бараат од претседателството на научната институција зголемување на нивните плати, кои се нешто повисоки од минималната плата. Од нивниот синдикат велат дека академиците, кои всушност немаат статус на вработени, не се заинтересирани за платите и стандардот на вработените.
„Стапувањето во штрајк, како основна и легитимна алатка за остварување на нашите работнички права, меѓу другото, произлезе и од незаинтересираноста на претседателството на МАНУ, како работоводен орган, да изнајде решение за нашата неповолна и недостоинствена положба. Ја информираме јавноста дека академиците немаат статус на вработени лица во МАНУ, туку тие добиваат академска награда, на месечно ниво, со која им се оддава општествено признание за нивната дејност во областа на науката и уметноста“, информира Синдикална организација на МАНУ.
Во известувањето наведуваат дека нивните плати односно платите на стручно-административните и техничките работници во МАНУ во просек изнесуваат, како што велат „малку повеќе над минималната плата во државата” и дека воопшто не се зголемени во последните 15 години.
„Тие останаа несразмерно ниски и со тоа драстично се наруши и повеќедеценискиот установен сооднос меѓу платите на вработените во МАНУ и висината на академската награда и платите на научните соработници. Овој проблем стана особено неиздржлив во последните две години кога, поради економската криза и инфлацијата, вредноста на нашите и онака ниски плати стана уште повеќе девалвирана“, пишува во дописот.
Во овој период, како што е наведено, во повеќе наврати се обиделе да изнајдат решение за зголемување на платите, но досега не наишле на разбирање кај претседателството на МАНУ.
„За жал,претседателството на МАНУ, а исто така и другите академици, не покажаа нималку загриженост за состојбата во која се наоѓаме, вешто избегнувајќи одговорност за преземање конкретни дејства за решавање на нашите основни егзистенцијални потреби“, соопшти Синдикалната организација на МАНУ.