ШТИП: Оштетена е скулптурата „Зашиени емоции“ посветена на текстилните работнички
Вандализирана e скулптурата во Штип, посветена на текстилните работнички.
Оштетен е дел од скулптурата „Зашиени емоции“ посветена на текстилните работнички во паркот кај штипскотото општинско основно училиште „Ванчо Прќе“, која беше свечено откриена од претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова на „Текстилјда 8“, која се одржа пред еден месец.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ објави дека синоќа, во центарот на Штип, на најфреквентната улица кај училиштето „Ванчо Прќе“, е украден дел од иглата на скулптурата изработена од реномираниот скулптор, уметник, магистар и професор Никола Смилков.
„Овој чин е срам за нашиот град и навреда за трудот на сите кои вложија време, енергија и љубов за да создадат нешто вредно за Штип. Ги повикуваме надлежните институции, веднаш да го решат случајот и да ги заштитат јавните добра. Апелираме до граѓаните, ако сте сведоци на овој срамен чин или имате каква било информација за сторителите, ве молиме да го пријавите случајот“, вели Ампева.
Таа посочува дека Штип заслужува почит, а како што вели градот не е место за вандализам.