Шест случаи на семејно насилство врз жени, повозрасни луѓе и врз 12-годишно девојче – четворица се приведени
Шест случаи на семејно насилство се случиле во еден ден, меѓу кои три случаи на напади или закани кон сопруги, два напада врз повозрасни членови на семејството и напад врз 12-годишно девојче.
Четворица мажи се приведени во Скопје, Крива Паланка и Охрид, а против жена од Беровско е поднесена кривична пријава за напад врз нејзината малолетна ќерка. Дел од пријавите се однесуваат на повеќегодишно психичко и физичко малтретирање.
Скопјанец приведен по закани кон сопругата
Во скопски Центар е приведен 48-годишен маж по пријава дека ѝ се заканувал на сопругата, која пријавила и долгогодишно малтретирање.
„На 31.10.2026 во 19:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода В.В.(48) од Скопје, по претходна пријава дека истиот ден околу 10:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Центар и упатувал закани на неговата 47-годишна сопруга. Според пријавеното, таа ѝ во изминатите години била психички и физички малтретирана од нејзиниот сопруг. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Ја нападнал сопругата и ја истерал од домот
Во Гази Баба е приведен 39-годишен скопјанец, осомничен дека физички ја нападнал сопругата, ѝ се заканувал и ја избркал од семејниот дом.
„На 31.10.2026 во 21:55 часот во Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го лишија од слобода М.М.(39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека истиот ден околу 17:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба физички ја нападнал неговата 39-годишна сопруга, на која и упатувал закани и ја истерал од семејниот дом. Според пријавеното, пријавителката изминатите години била психички и физички малтретирана од нејзиниот сопруг. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, соопшти полицијата.
Радовишанец ја нападнал сопругата во Охрид
Педесетгодишен жител на Радовиш е приведен по пријава дека ја нападнал сопругата во дом во Охрид каде што привремено престојувал.
„На 31.10.2026 година во 19,30 часот, во СВР Охрид лишен од слобода е О.О.(50) од Радовиш, по претходна пријава дека во дом во Охрид каде привремено престојувал, физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, се вели во соопштението.
Осумдесетгодишна жена нападната од снаата
Во скопски Аеродром, 80-годишна жена пријавила дека била нападната и дека ѝ се заканувала нејзината снаа, која, според пријавата, и претходно ја малтретирала.
„На 31.10.2026 во 11:58 часот во СВР Скопје, 80-годишна жена од Скопје, пријавила дека околу 11:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром во Скопје била физички нападната од нејзината снаа М.М., која и упатувала закани и агресивно се однесувала. Според пријавеното, пријавителката ѝ претходно била психички и физички малтретирана од нејзината снаа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Го нападнал 82-годишниот дедо
Во Крива Паланка е приведен 26-годишник по пријава дека физички го нападнал својот 82-годишен дедо во семејниот дом.
„На 31.10.2026 во 14:19 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишија од слобода Т.Г.(26) од Крива Паланка, постапувајќи по претходна пријава дека на 30.10.2026 година во семејниот дом физички го нападнал неговиот 82-годишен дедо. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти МВР.
Мајка ја нападнала 12-годишната ќерка
Кривична пријава е поднесена против 39-годишна жена од беровско, осомничена дека ја нападнала својата малолетна ќерка и постапила спротивно на судска одлука за заштита од семејно насилство. Настанот се случил на 9 октомври.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.Ц.(39) од беровско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘телесна повреда’ и ‘неизвршување на судска одлука’. На 09.10.2026 во Берово, пријавената физичка ја нападнала нејзината 12-годишна ќерка и постапила спротивно на Решение за заштита од семејно насилство, издадено од Основен суд Берово“, велат од полицијата.



