Четири лица приведени, шест пријави за семејно насилство во последното деноноќие
Министерство за внатрешни работи соопшти дека во последното деноноќие биле лишени од слобода четири лица, додека се евидентирани вкупно шест пријави поврзани со семејно насилство, пренесе МИА.
Утринава во 04.50 часот во СВР Куманово, 49-годишен маж од Куманово пријавил дека бил физички нападнат од неговата сопруга. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Синоќа во 23.30 часот, 70-годишна жена од тетовско пријавила дека била физички нападната од нејзината снаа. Осомничената била лишена од слобода по полноќ и задржана во полициска станица.
Во Неготино, полициски службеници вчера попладне привеле 37-годишен маж, по претходна пријава дека во домот ѝ се заканувал на сопругата со остар предмет. По извршените проверки било утврдено дека бил под дејство на алкохол, со измерени 2,23 промили.
Вчера во 04.40 часот, полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода 43-годишен маж од скопско, откако неговата сопруга пријавила дека физички ја нападнал во семејниот дом.
Синоќа во 21.30 часот, 29-годишна жена од скопско пријавила дека подолг период нејзиниот поранешен сопруг и неговата сестра ја следеле и снимале со мобилен телефон.
Утрово во 00.40 часот, полициски службеници од СВР Скопје привеле 27-годишен скопјанец, откако неговата мајка пријавила дека агресивно се однесувал кон неа и нејзиниот сопруг, кршел покуќнина и физички ги нападнал.
По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни пријави и поднесоци.



