МакедонијаНајново

Цените на млечните производи „полудеа“, а млеко во регионот снемува 

За сточарството кај младите има уште помал интерес отколку за земјоделството воопшто. Јас се чудам од каде ќе има храна народот, кога никој не сака да ја произведува – вели Стеванче Јорданоски, член на УО на Национална федерација на фармери и производител на кравјо млеко

Сè погласно се зборува за млечна криза што може да се случи кај нас затоа што во регионот снемува сурово млеко. Сточарите велат дека тоа е очекувана состојба кога немаме доволно свое производство и алармираат дека сточарството е гранка за која е целосно загубен интересот и дека мора нешто да се направи за да се сврти вниманието на младите.

Цените на млечните производи, пак, „полудеа“. Еден литар трајно млеко е од 72 денари, па нагоре. Кашкавалот е над 500 денари, може да се пронајде јогурт од 53 денари, но најчесто еден литар чини околу 70, пакување од десет парчиња топено сирење, кои популарно останаа да се викаат „зденки“, обично е околу 85 денари, еден килограм урда е околу 200 денари.

Стеванче Јорданоски, член на УО на Национална федерација на фармери и производител на кравјо млеко, во изјава за „Слободен печат“ вели дека цената на млекото што го подаваат нашите сточари е малку зголемена и сега тоа се продава од 24 до 27 денари за еден литар.

Сточарите велат дека и сегашната, зголемена цена по која го продаваат млекото, им е неисплатлива / фото: илустрација/архива на Слободен печат

– Можеби цената од 27 денари за литар звучи убаво, но за нас тоа е одвај покривање на трошоците, затоа што сите влезни трошоци многу се зголемија, а особено нафтата и струјата – вели Јорданоски.

Тој објаснува дека во Македонија сточарството се соочува со голем проблем, затоа што нема кој да работи, бидејќи кај младите нема интерес.

– Сточниот фонд се намалува и во регионот, не само кај нас. Според сознанијата што ги имаме, тоа се случува и дури и во Србија иако тие имаат земјоделски предели што се развиени. Но, сточарството, во однос на интересот, е во уште полоша состојба во однос на земјоделството. Еве илустративно ќе ви кажам што се случува во моето село, но таква е состојбата насекаде во Македонија. Во прилепското село Мажучиште пред 10 години имаше десетина семејства со по 200 до 300 овци, сега нема ниту едно. Во однос на кравите, сточниот фонд е преполовен. Јас се чудам од каде ќе има храна народот кога никој не сака да се занимава со сточарството, па и со земјоделството. Мора да се направи сериозна и целосна реорганизација на секторот за да се привлечат млади земјоделци и сточари. Мора да се размислува дека некој треба и да произведува храна – вели Јорданоски. 

Вкупниот број говеда лани е намален за 20,1 отсто во споредба со 2020 година. Намалување е забележано и кај индивидуалните земјоделски стопанства и кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги), соопшти Државниот завод за статистика. Според тие податоци, лани во земјава имало 177.622 говеда, додека во 2018 година имало 256.181 говеда. Минатата година се произведени 326.523 илјади литри кравјо млеко, што е за 19,4 проценти помалку во однос на 2020 година. 

Минатата година имало 633.281 овци, но во 2006 година нивниот број изнесувал дури 1.248.801. Поради недостиг на млеко, Србија деновиве забрани извоз на млеко, освен за Македонија и Албанија, а ја намали и маржата за трговците. Наместо со 12 отсто, од продажбата на млеко ќе заработуваат најмногу пет проценти. 

Во Србија во моментов е на сила ограничување на цената на млекото. Еден литар во продавниците не смее да се продава за повеќе од 129 српски динари или 67 македонски денари.

slobodenpecat.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons