Свет

Цените на златото уриваат рекорди 

Цените на златото денес на глобалните пазари надминаа рекордни 3.900 долари за унца, одразувајќи ја загриженоста на инвеститорите поради блокадата на американската влада и проценките дека американската централна банка повторно ќе ги намали клучните каматни стапки за да го поддржи вработувањето.

На физичкиот пазар унца злато околу пладне изнесуваше 3.943,01 долари и беше 1,5 проценти поскапа отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела.

Цената на златото се зголеми за ист процент кај фјучерс договорите на американскиот пазар, каде што со унцата се тргуваше по цена од 3.966,37 долари.

Побарувачката по овој скапоцен метал беше поттикната од блокадата на федералната влада во Соединетите Американски Држави, што ја продлабочи неизвесноста кај инвеститорите и ги поттикна да го насочат капиталот во безбедни средства.

Блокадата на владата влезе во втората недела, бидејќи демократските пратеници не се откажуваат од своите барања за здравствени бенефиции, а претседателот Доналд Трамп се закани со бран отпуштања од владата и намалување на трошоците.

Доколку претседателот Трамп процени дека преговорите со демократите во Конгресот „не водат апсолутно никаде“, Вашингтон ќе почне со масовни отпуштања на федерални службеници, изјави во неделата висок функционер на Белата куќа, пренесува Ројтерс.

Златото од почетокот на годината поскапе за речиси 50 отсто, а поттик за скокот на цените, меѓу другото, беше и силната побарувачка од централните банки.

Инвеститорите го купуваат благородниот метал пред состанокот за монетарната политика на американската централна банка (Фед).

Во септември, Фед ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен, а претседателот Џером Пауел објасни дека темпото на создавање работни места е побавно отколку што би било потребно за одржување на стабилна стапка на невработеност.

Компаниите во моментов вработуваат многу малку во целина, забележа Пауел при објавувањето на одлуката, а дури и мало зголемување на отпуштањата брзо би се претворило во поголема невработеност.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons