Хаос на патиштата: Уапсени 10 возачи за една ноќ кои возеле без возачка
Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 12 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, десетмина од нив возеле без возачка дозвола – четворица биле затекнати во Скопје, тројца во Куманово, а по еден во Тетово, Прилеп и Кочани.
Покрај тоа, двајца возачи, во охридскиот и ресенскиот регион, биле приведени затоа што управувале возило под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без возачка дозвола, за време на изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.



