„Халовин“ станува сè популарен кај нас – Свештените лица со апел да се бојкотира прославата
Ноќта на вештерките или „Halloween“, како што го нарекуваат Американците, се слави ноќта меѓу 31. октомври и 1. ноември, а клучните моменти вклучуваат маскирање, собирање бонбони од врата до врата и моделирање на тикви.
Иако станува збор за празник кој најмногу се слави во САД, неговата популарност полека се шири и во другите земји во светот, па и кај нас.
Несомнено, маскенбалот е најинтересен за најмалите, но има и организирани „Халовин“ настани и за возрасните.
Ноќта на вештерките не е празник кој традиционално се слави во Македонија и нема врска со христијанската вера или другите религии присутни во земјава. Па така, често има апели од Македонската православна црква да не се прославува овој празник.
– Ние како христијани во никој случај не треба да го празнуваме Халовин, бидејќи секое допирање до мрачната сила, остава трага врз човекот, дури тоа да се прави и на шега. Затоа, ние треба да се заштитуваме од злите духови, се вели во редовните апели од православните свештени лица.