Формула 1 станува прескапа играчка – Малезија се откажа од трката
Малезија соопшти дека во скоро време нема повторно да организира трка од Формула 1, поради високите трошоци и веќе пренатрупаниот календар на шампионатот.
За да добие нова Голема награда, земјата би морала да потпише договор со компанијата „Либерти Медија“, која ги поседува комерцијалните права на Ф1, во вредност од околу 304 милиони евра за период од три до пет години, изјави министерката за спорт, Хана Џо, пред парламентот.
Дополнително, потребни се околу два милиони евра годишно за одржување на патеката според меѓународни стандарди.
Малезија за првпат беше домаќин на Формула 1 во 1999 година на патеката „Сепанг“, а последната трка се возеше во 2017 година. Организацијата беше стопирана од 2018 токму поради високите трошоци, иако „Сепанг“ и натаму останува домаќин на трките од Мото ГП шампионатот.
Во регионот, Сингапур веќе има ноќна трка на Ф1, додека Тајланд планира да се приклучи во 2028 година, нудејќи дури 1,2 милијарди долари за организација на улична трка во Бангкок.
Сепак, Малезија не ги затвора целосно вратите за враќање на Формула 1. Како што порача министерката, доколку приватни компании го преземат финансискиот товар, земјата би била подготвена повторно да ја разгледа можноста за организација.