Утврдена причината за падот на Боингот, едниот пилот го прашал другиот зошто го исклучил горивото
Прелиминарниот извештај за авионската несреќа на Ер Индија во која загинаа 260 луѓе минатиот месец покажа дека три секунди по полетувањето, прекинувачите за доток на гориво на моторите биле префрлени од позиција „вклучено“ на позиција „исклучено“ речиси истовремено, со што горивото било прекинато до моторите.
Авионот Боинг 787 Дримлајнер веднаш почнал да губи висина, според извештајот објавен од индиските истражители на авионски несреќи. На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како еден од пилотите го прашува другиот зошто го прекинал горивото. Другиот пилот одговорил дека не го прекинал, се вели во извештајот.
Не е јасно кој го дал повикот за помош непосредно пред несреќата, пилотот или копилотот. Двата прекинувачи за гориво на местото на несреќата биле пронајдени во позиција „вклучено“, а во извештајот се вели дека имало индикации дека бил направен обид за рестартирање на двата мотори непосредно пред ударот.
И двајцата пилоти биле искусни, со вкупно околу 19.000 часа лет, вклучувајќи повеќе од 9.000 часа на моделот 787. Во прелиминарниот извештај, исто така, не е објаснето како прекинувачите можеле да бидат префрлени во позиција „исклучено“ на летот од 12 јуни од индискиот град Ахмедабад до Лондон.
Американскиот експерт за безбедност во воздухопловството Ентони Брикхаус како клучно прашање го посочи зошто прекинувачите биле поместени на начин што не е во согласност со вообичаената постапка. „Дали се поместиле сами или ги поместиле пилотите? Ако ги поместиле пилотите, зошто?“, праша тој.
Друг американски експерт за безбедност во воздухопловството Џон Кокс рече дека пилотот не можел случајно да ги помести прекинувачите за гориво. „Не можете случајно да ги допрете за да ги поместите“, рече тој.
Префрлањето на прекинувачот во позиција „исклучено“ ги запира моторите речиси веднаш. Ова најчесто се користи за исклучување на моторот откако авионот ќе пристигне на излезната порта на аеродромот или во одредени итни ситуации, како што е пожар во моторот. Извештајот не посочува дека имало некаков вонреден настан што би барал исклучување на моторот.
„Во оваа фаза од истрагата, нема препораки до операторите и производителите на авионите Боинг 787-8 и/или моторите ГЕ ГЕнx-1Б“, соопшти Одделот за истрага на воздушни несреќи на Индија. Ер Индија, Боинг и ГЕ Ероспејс не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Во авионот имало 242 лица, 230 патници и 12 членови на екипажот. Само едно лице, 40-годишниот патник Вишваш Кумар Рамеш, преживеа.