Украинците го слават ослободувањето на Херсон (ВИДЕО)
Меѓународниот дописник на Скај њуз, Алекс Роси и неговиот тим се меѓу првите странски новинари кои стигнаа до центарот на Херсон откако градот по речиси девет месеци окупација повторно беше заземен од украинските сили.
Роси и неговата камерманска екипа влегоа во центарот на Херсон, каде граѓаните ги пречекуваа украинските војници, ги прегрнуваа и вееја украински знамиња. Дописникот на Скај њуз ги опиша граѓаните на ослободениот Херсон како „многу емотивни и еуфорични“, додавајќи дека скандирале: „Слава на Украина!“
„Но, тие се собираат и од друга причина. Имено, до сега имаше целосна информативна блокада во Херсон, а армијата тука постави пункт за пристап до Интернет за луѓето да можат да контактираат со своите најблиски. За прв пат по девет месеци, луѓето можат да им кажат на своите најблиски дека се добро“, објави Роси.
„Многумина мислеа дека овој момент никогаш нема да дојде. Луѓето ни кажуваат дека Русите едноставно исчезнале преку ноќ. Тие исчезнале и го напуштиле градот“, известува дописникот на Скај њуз кој ги прераскажува разговорите со воодушевените жители на Херсон.
Еден граѓанин на Херсон му рекол: „Мора да имаш нешто за што ќе живееш. Ова е моментот за кој живеевме. Ослободувањето не е нешто што се случува секоја година. Тоа е нешто што се случува еднаш во пет генерации. Овој момент ќе остане засекогаш со нас“.