Уапсен е возачот кој избега откако смртно прегази велосипедист пред мостот „Гоце Делчев“
Полицијата соопшти дека го уапсила 37-годишниот Х.К. од Скопје, кој денеска околу 12:30 часот на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје со автомобил „Фолксваген Пасат“ го прегази 78-годишниот велосипедист Ј.Ќ. од Скопје, кој почина на самото место.
„По несреќата, возачот на возилото „пасат“ го оставил возилото и заминал од местото на настанот, но по преземени мерки од страна на полициски службеници, тој е пронајден и лишен од слобода, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од МВР.
Трагичниот инцидент е трет на патиштата во само 24 часа, во кој возач гази пешак, а потоа се обидува да избега. Во другите два случаја, тешко се повредени 79-годишна жена во Скопје и седумгодишно дете во Тетово.


							
							
							
