Свет

Трамп се закани со санкции за Авганистан поради воздушна база 

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани со санкции против Авганистан, без да прецизира кои, доколку талибанците кои се на власт во таа земја „не ја вратат во САД“ воздухопловната база Баграм, која Американците ја напуштија при нивното повлекување во 2021 година.

„Доколку Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние кои ја изградија, Соединетите Американски Држави, ќе се случат сериозни работи“, напиша американскиот претседател на својата платформа Трут соушл.

Тој ја спомена идејата и пред неколку дена на заедничка прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер, на последниот ден од неговата посета на Велика Британија.

„Една од причините зошто ја сакаме таа база е, како што знаете, таа е оддалечена еден час од местото каде Кина го произведува своето нуклеарно оружје“, рече тогаш Трамп.

Трамп вчера беше прашан дали планира да испрати американски трупи за повторно враќање на Баграм, рече дека САД „моментално се во преговори со Авганистан“ и сакаат да ја вратат базата, како што нагласи, „брзо, веднаш“. „А ако не ја вратат, ќе дознаете што имам намера да направам“, изјави Трамп.

Баграм, кој се наоѓа на 50 километри од Кабул, е најголемата воздухопловна база во Авганистан и служеше како база за Американците за спроведување операции две децении по нападите од 11 септември 2001 година и инвазијата на Авганистан од страна на меѓународната коалиција предводена од САД.

Војниците на САД и НАТО се повлекоа од базата во јули 2021 година, кога талибанците презедоа контрола врз големи делови од Авганистан пред конечно да ја преземат целата земја следниот месец.

Трамп во неколку наврати, откако се врати на власт, изрази жалење за губењето на базата и го критикуваше својот претходник, Џо Бајден, за повлекувањето на Американците од Авганистан.

Трамп, исто така, жали за зголеменото влијание на конкурентската суперсила Кина во Авганистан.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons