Свет

Трамп: Кој му помага на Иран, ќе се соочи со тешки последици

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани со „тешки“ економски последици на секоја земја што ќе му помага на Иран и најави, како што тврди, најразорна економска операција досега спроведена против некоја држава.

Трамп вчера дополнително го засили притисокот на Вашингтон врз Техеран по повеќемесечниот конфликт кој сè уште трае.

„Објавувам дека секоја земја што преку своите финансиски институции, компании, аеродроми или државни тела ќе овозможи каков било облик на помош за Иран, и самата ќе се соочи со тешки економски последици“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа Трут соушл.

Во објавата Трамп порача дека Техеран не ја искористил големата можност да постигне договор.

„Затоа ја најавувам најразорната економска операција досега спроведена против некоја земја“, напиша Трамп, најавувајќи „економска војна каква што досега не е видена“.

„Шверцот на нафта, девизните трансакции, преносите на готовина, менувачниците, регистрацијата на бродови и параван-фирмите, сето тоа мора веднаш да престане“, порача Трамп до земјите за кои се сомнева дека му помагаат на Иран.

Притоа, тој не наведе ниту една конкретна земја, ниту објасни какви мерки или санкции би можел да воведе Вашингтон.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент уште минатата недела му се закани на Иран со економска изолација „каква што светот досега не видел“.

Иако интензитетот на конфликтот се намали по израелско-американските напади и иранските одговори во првите недели од војната, состојбата во регионот и натаму е тензична по речиси шест месеци конфликт.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons