ТЕЦ „Неготино“ се подготвува за работа, најавен транспорт на три милиони тони јаглен
ТЕЦ „Неготино“ се подготвува повторно да произведува електрична енергија, а наскоро се очекува да започне и транспортот на јаглен од Косово за потребите на термоелектраните во Битола и Осломеј. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со раководството на АД ЕСМ е подготвен финансиски модел за работа на домашните енергетски капацитети, според кој производството во Неготино би чинело од 170 до 175 евра за мегават-час, додека берзанските цени во одредени денови достигнуваат од 400 до 500 евра.
При посетата на Делчево, Мицкоски објасни дека финансискиот модел ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, блоковите во РЕК „Битола“, термоелектраната „Осломеј“ и хидроцентралите. Предвидено е ЕСМ да остварува приходи во периодите со повисоки цени на струјата, со кои би ги покривала очекуваните загуби во декември и јануари. Во пресметките се земени предвид и поволните хидролошки услови што се очекуваат во текот на зимата, а кои би овозможиле дел од загубите да се надоместат напролет и во остатокот од годината.
За повторното вклучување на ТЕЦ „Неготино“, АД ЕСМ објави јавен повик за набавка на околу 45.000 тони мазут, со проценета вредност од 42,6 милиони евра со ДДВ. Отворањето на понудите е закажано за 24 ноември, по продолжувањето на првичниот рок. Предвидено е мазутот да пристигнува преку пристаништето во Солун, а оттаму со железница до електраната, за што се подготвува и реконструкција на железничкиот крак.
Паралелно се подготвува и транспортот на јаглен од Косово, кој е наменет за термоелектраните во Битола и Осломеј, додека ТЕЦ „Неготино“ користи мазут. АД ЕСМ и косовската енергетска корпорација КЕК во август потпишаа тригодишен договор за околу три милиони тони јаглен од рудникот во Обилиќ, по фиксна цена од 24,4 евра за тон. Основната договорна вредност изнесува 73,2 милиони евра, без дополнителните трошоци за ископување и транспорт.
„Планот е остварлив. Ќе почне и транспортот на јаглен од Косово“, изјави Мицкоски, додавајќи дека договорената цена е значително пониска од цената на јагленот што моментално се набавува од други соседни земји.
За транспортот претходно беше најавено оспособување дополнителен граничен премин кон Косово, преку кој би поминувале околу 200 камиони дневно, покрај уште 50 до 60 преку постојниот премин Блаце. Планот предвидува дневен превоз на повеќе од 6.000 тони јаглен, а според проценките на ЕСМ, неговото користење би овозможило дополнително годишно производство од околу 800 гигават-часови електрична енергија.
Засега не е соопштен точен датум кога ТЕЦ „Неготино“ повторно ќе започне со производство, ниту кога ќе пристигнат првите количини јаглен од Косово.



