„Тајмс“ ја прогласи Пула за една од совршените летни дестинации за оваа година
Британски „Тајмс“ ја прогласи Пула за една од совршените летни дестинации за оваа година, истакнувајќи во подолга статија што ја прави толку посебна. Меѓу другото ја издвоија нејзината богата историја, природните убавини и културната понуда. Тие истакнаа дека Пула ги привлекува љубителите на историјата, хедонистите кои бараат одлични вина и фестивали и оние кои бараат релаксација на плажите со прекрасни зајдисонца.
„Обложена во зеленило и опкружена со азурниот Јадран, со своите топли бои, антички урнатини, мозаици и шарени храмови, привлекува љубители на историјата, како и посетители кои сакаат да вкусат висококвалитетни локални вина, да посетуваат фестивали, раздвижени барови. Одете на патување со брод и прошетајте по бреговите од платинести камчиња со прекрасно зајдисонце“, се вели во написот.
Тие препорачаа неколку хотели, ресторани и барови кои треба да се посетат, а ја издвоија арената Пула.
„Зачекорете како гладијатор во арената Пула, еден од најголемите и најдобро зачуваните римски амфитеатри во светот“, напишаа тие.
Тие особено го истакнаа Бријуне, национален парк и архипелаг лоциран во близина на Пула, познат по природните убавини, отсуството на автомобили и богатата историја. Тие напишаа дека тоа е омиленото летувалиште на Јосип Броз Тито и ги советуваа читателите да одат таму на пикник и да го истражат островот. Исто така, рекоа дека оние што одат во Пула треба да ги посетат Ровињ и Пореч.