„Студентски отпор“: Нема да се откажеме сè до целосно исполнување на нашите барања
Движењето „Студентски отпор“ бара средба со министерот за образование и наука и исполнување на нивните барања, кои ги посочуваат неколку месеци.
„Студентски отпор“ во соопштение објавено на нивната фејсбук-страница велат дека се незадоволни од институциите и од нивниот игнорантски, незаинтересиран однос кон студентите кој континуирано се зголемува низ годините, а особено изминативе месеци.
„Ги потсетуваме одговорните и надлежните дека ние немаме намера да се откажеме сè до целосно исполнување на нашите барања“, посочуваат од „Студентски отпор“.
Студентите, освен што бараат средба со министерот, бараат и вклучување на нивни претставници во работните тела, изедначување на стипендиите, ретроактивна исплата и нов анекс на договорите, како и покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк согласно инфлацијата на 160 денари.
Дел од барањата на „Студентски отпор“ се и дигитализација и укинување на т.н. „скриени трошоци“ на факултетите, бесплатен, субвенциониран меѓуградски превоз за студентите, стипендирање на студентите на втор циклус студии, модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети.
Студентите бараат и прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови, како и прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.
Од „Студентски отпор“ велат дека ќе дејствуваат во насока на остварување на целите користејќи ги сите расположливи механизми и средства и ги повикаа студентите да им се придружат во оваа борба.