Актуелно

Соѕиданите 350.000 евра се наши, ги чувавме за стари години, сведочеа родителите на судијата Ристов

Со сведочење на неговите родители, во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов за „соѕиданите 350 илјади евра“. Обвинителката Искра Хаџи Василева по денешното рочиште изјави дека сведочењата на неговите родители не се поткрепени со останатите обезбедени докази. Спротивно на оценката на Обвинителството, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ рече дека сведочењето на кримтехничарот отвора прашања околу начинот на кој бил извршен претресот.

Прва сведочеше мајката на Ристов. Кажа дека на 29 декември имало претрес во нивниот дом, но не било најдено ништо. На 18-19 јануари извршен бил уште еден претрес.

„На крај го најдоа моето место, каде што си ги чував парите“, изјави мајката на Ристов во судницата.

Посочи дека од 1975 година, кога била направена куќата, парите што им останувале ги ставале на тоа место.

„Таму имаше 350 илјади евра, тие беа наша гаранција за стари години. Цел живот биле печалени тие пари. Ќе продадеме роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, грозеје … по пазари одевме“, рече таа.

Парите од продадената роба ги претворала во марки, а потоа во евра и ги ставала во местото за чување.

На прашање дали некој знаел за тие пари, мајката на Ристов одговори негативно.

„Тоа си беше мое лично и на момчето“, одговори таа.

Според нејзиното сведочење, последен пат ставила пари на тоа место во 2023 или 2024 година, по што потешко се разболела.

Таа негира дека нејзиниот син, судијата Ѓоко Ристов и дал пари за да ги чува. Кажа и дека плетела, се осврна на тоа што го изработувала, а рече дека и нејзиниот сопруг печалел.

„Банка од 30.000 евра не гарантира повеќе“, рече мајката на Ристов, прашана зошто не ги чувала парите во банка туку дома.

Таа од страна на судот беше прашана како ако таа ги ставала парите на скриеното место – на фолиите не е најден ниту нејзин, ниту ДНК – материјал од сопругот, туку само од нејзиниот син.

„Јас не верувам, не ми се верува. Тоа е чисто мое“, одговори мајката на Ристов.

Потоа сведочеше нејзиниот сопруг, таткото на Ѓоко Ристов.

На прашање чии се парите, тој рече лично нивни со сопругата, печалени од 1975 година па наваму.

„Децата не знаеја. Кога им требаа пари, ако им треба – ќе им дадам, ама ќе ми ги вратат“, одговори таткото на Ристов.

Тој кажал дека парите се лично негови и на сопругата, кога тие биле најдени.

И тој тврди, одговарајќи на прашање на судот, дека неговата сопруга ги ставала парите во ѕидот.

„Ако им дадам на децата, може да ги искоцкаат, не знам“, одговори тој меѓу другото, зошто децата не знаеле за скриените пари.

На денешното рочиште сведочеше и Горан Манојловиќ, кој рече дека е виш криминалистички техничар, вработен во МВР – Неготино.

Тој бил повикан да ги фотографира парите во домот на родителите на Ристов.

„Заштитно одело не носев, носев заштитни ракавици – дел на заштитна опрема“, одговори Манојловиќ на прашање на одбраната на Ристов.

Одбраната го праша дали водел некој дневник за влез и излез од просторијата, а тој одговори дека не знае. Кажа дека не знае и дали се направен попис на присутни лица во просторијата каде се најдени парите. Потврди дека бил присутен кога ги ваделе парите од ѕидот, но не видел дали некој прави видео-запис од целиот настан.

Обвинителката Искра Хаџи Василева по денешното рочиште изјави дека сведочењата на неговите родители не се поткрепени со останатите обезбедени докази.

Одговарајќи на новинарско прашање за сведочењето на родителите на Ристов, Хаџи Василева рече дека Обвинителството немало причина да ги предложи како сведоци.

„Обвинителството со овие сведоци воопшто немаше поента и токму затоа не ги предложи“, одговори таа.

Според неа, родителите сведочеле за одредени настани и факти, но тие, како што посочи, не наоѓаат поткрепа во останатите материјални и други обезбедени докази.

„Но, повторувам, тоа се родители. Таму маргината на веродостојност и емоции е јасна“, станува збор за родители и дете, рече Хаџи Василева.

Во однос на последниот сведок, вработен во МВР – Неготино, обвинителката оцени дека за Обвинителството е изненадување што одбраната го предложила токму него.

„Тоа е полициски службеник кој постапувал единствено како кримтехничар. Забележливо е што одбраната воопшто не ги побара да сведочат оние полициски службеници кои раководеле со претресот и кои го изготвиле она што е суштина на материјалот од тоа дејствие. Нив одбраната не ги предложи, го предложи овој сведок“, рече Хаџи Василева.

Таа додаде дека сведокот објаснил сè што знаел, видел и на што бил сведок при увидот во просторијата, но оти Обвинителството не слушнало релевантен доказен капацитет со кој би се побила обвинителната теза или би се докажало нешто во прилог на одбраната.

Спротивно на оценката на Обвинителството, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ рече дека сведочењето на кримтехничарот отвора прашања околу начинот на кој бил извршен претресот.

„Крим-техничарот кажа дека заштитна опрема не носеле, дека не се земени брисеви и траги како контролно обезбедување за контаминација на трагите. На 29.12., Ѓоко Ристов бил присутен и помагал при тогашниот претрес и оставил ДНК-траги, па нашите вештаци ќе ви објаснат зошто нема едни траги, зошто има други траги и како е вештачено“, истакна Давидовиќ.

Адвокатот најави дека одбраната преку своите вештаци ќе ги образложи и наодите поврзани со преместувањето на парите.

„Имало три преместувања на парите и тоа нашиот вештак ќе го објасни, поткрепено со фотографии токму на Обвинителството“, рече Давидовиќ.

Тој најави и дека финансискиот технички советник на одбраната ќе го образложи потеклото на парите и начинот на кој, како што рече, родителите на Ѓоко Ристов ги заработиле.

„Ние ги изведуваме доказите во континуитет за да можете да сфатите што се случувало и зошто е ваква ситуацијата“, изјави Давидовиќ.

Јавното обвинителство соопшти дека парите биле пронајдени при претресот на 18 јануари 2026 година во домот на родители на судија во Неготино. Спакувани биле во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите.

Ристов се сомничи дека како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Обвинителството тврди дека се обезбедени цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства.

Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.

Наредно рочиште е закажано за 22 октомври.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons