Слободен ден за прваче ви следува по Закон!
Според Законот, на секој вработен му следува право на слободен ден за време на првиот училишен ден на своето дете.
Согласно член 28 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, работникот има право на платен одмор од еден ден за првиот ден на училиште на своето прваче.
Додека ова право им следува на сите вработени во јавниот сектор, за приватниот сектор не е секаде така. Од ССМ за Инфомакс објаснуваат дека членовите на ССМ и гранковите синдикати, во најголем дел го имаат тоа прави бидејќи се опфатени со колективен договор, меѓутоа има и работници кои сепак ќе бидат на работа иако имаат прваче.
– ССМ преку колективните договори обезбедува низа права за работниците, меѓу кои и право на платено отсуство од работа поради лични причини, а во дел од колективните договори е предвидено и право на платено отсуство за првиот училишен ден на прваче.
Во јавниот сектор, ССМ со Општиот колективен договор за јавниот сектор од 2023 година обезбеди ова право да важи за сите работници кои имаат прваче. Тоа значи дека тие имаат право на платено отсуство од работа за првиот училишен ден на своето дете.
Во приватниот сектор, за најголем дел од работниците кои се членови на синдикат во ССМ и се опфатени со грански или колективни договори на ниво на работодавач, ова право е исто така обезбедено. За жал, работодавачите одбиваат преку Општиот колективен договор за приватниот сектор ова право да биде гарантирано за сите работници, користејќи го како изговор фактот дека не во сите компании има организиран синдикат.
ССМ останува на ставот дека правото на платено отсуство за првиот училишен ден на прваче треба да важи за сите родители и ќе продолжи да се бори за негово проширување на сите работници во приватниот сектор.
Дополнително, најголемиот дел од синдикатите членки на ССМ, согласно своите можности, обезбедуваат и финансиска поддршка за првачињата на своите членови, вели за Инфомакс претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.



