Скопје станува европски центар на танцот
Од 21 до 29 септември на Т-Арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе настапат повеќе од 2.900 танчери.
Вчера официјално беше најавено дека европското првенство во танц (IDO European Dance Championship 2026 – Skopje) ќе собере танчери од повеќе европски земји, кои во текот на девет натпреварувачки дена ќе настапуваат во повеќе танцови дисциплини и категории. Заедно со натпреварувачите, во Скопје ќе пристигнат и нивните тренери, претставници на танцови федерации, семејства и поддржувачи.
Трајче Петковски, организатор на настанот, и Данијел Апостоловски, директор на СЦ „Борис Трајковски на конференцијата за медиумите ги презентираа деталите за организацијата, програмата и значењето на првенството ги претставија .
Беше истакнато дека организацијата на настан од ваков меѓународен ранг претставува значаен спортски и културен момент за Скопје, но истовремено придонесува и за туристичката и економската активност во градот. Илјадниците учесници и гости кои ќе престојуваат во Скопје во текот на првенството дополнително ќе придонесат градот да живее во знакот на танцот, младоста и меѓународната културна размена.
Првенството ќе ѝ овозможи на македонската публика во живо да проследи врвни танцови изведби, кореографии и натпреварувачи од реномирани европски танцови школи и федерации, во повеќе дисциплини и возрасни категории.
Посебен сегмент од програмата ќе биде Парадата на нациите, која ќе се одржи на 25 септември во 14:30 часот, во СЦ „Борис Трајковски“.
Во рамките на парадата ќе бидат претставени сите земји и учесници на првенството, во свечен формат кој ги промовира пријателството, меѓусебната почит, културната размена и заедништвото. На Парадата на нациите е предвидено присуство и на високи државни претставници, дипломатски делегации и амбасадори, со што овој сегмент добива дополнително протоколарно и меѓународно значење.



