Синот на премиерот Мицкоски е хоспитализиран – Тој е еден од тешко затруените во Димо Хаџи Димов
Помалиот син на македонскиот премиер Христијан Мицкоски е еден од тешко затруените ученици од основното училиште Димо Хаџи Димов во скопската населба Влае во општината Карпош, дознава НетПрес.
Нашите извори велат дека тој бил хоспитализиран и два дена е во болница со симптоми на труење и зголемена телесна температура. Моментно, според извори на НетПрес, тој е во подобра здравствена состојба.
Инаку, како што веќе објавивме претходно денеска, голем број основци од Димо Хаџи Димов пријавиле симптоми на труење, а дел од нив завршиле и во болница, односно биле хоспитализирани. Школото ги ослободило од настава сите класови од прв до петто одделение. Исто така, голем број деца и од класовите од шесто до деветто одделение биле ослободени од настава.
Првичните сомнежи се дека извор на проблемот е или водата за пиење или мензата, каде децата се хранат. Поради тоа екипи на скопски Водовод зеле примероци од водата и ја испитуваат во своите лаборатории. Агенцијата за храна и ветерина, пак, врши истражни дејствија за да утврди дали проблемот е поврзан со храната во мензата.
Сепак преовладува мислењето дека труењето е од водата за пиење. Родителите на децата претпоставуваат дека поради градежни активности за реновирање на спортската сала во училиштето, оштетен бил системот за довод на вода и тоа довело до загадување на водата.
Извор: НетПрес



