Се укинуваат олеснувањата за EES системот на европските граници
Од денеска нема „олеснување“ на границите и биометриските проверки повторно се целосно задолжителни.
Патниците од земји надвор од Европската Унија од денеска може да се соочат со подолги чекања на европските граници, откако истекуваат привремените мерки за флексибилност поврзани со Системот за влез и излез (EES).
Во текот на летото, земјите членки можеа во исклучителни ситуации привремено да го прекинат земањето биометриски податоци – отпечатоци од прсти и скенирање на лицето – доколку настанат големи гужви. Од 6 септември оваа можност престанува да важи.
EES е целосно оперативен на надворешните граници на Шенген-зоната од 10 април 2026 година и се однесува на државјани на земји надвор од ЕУ кои патуваат на краток престој. Системот ги евидентира податоците од патните исправи, отпечатоците од прсти и фотографијата на лицето, како и влезот и излезот од Шенген-зоната.
Податоците од летната сезона покажуваат дека на некои големи европски аеродроми времето на чекање значително се зголемило. Во Франкфурт просечното чекање во јули достигнало 120 минути, во споредба со 60 минути во истиот месец минатата година. Во Минхен најдолгото чекање достигнувало 60 минути, наспроти 31 минута претходната година, додека во Амстердам максималното чекање пораснало од 80 на 120 минути.
Токму поради ваквите проблеми, Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај и други претставници од туристичкиот сектор побараа продолжување на можноста за привремено олеснување најмалку до крајот на зимската сезона. Тие предупредуваат дека целосно функционални автоматизирани системи, доволен број киосци и соодветен број службеници се неопходни за EES да функционира без сериозни застои во периодите со најголем број патници.
Европската комисија, од друга страна, соопшти дека системот генерално функционирал добро во текот на летото, токму со помош на вградените механизми за флексибилност. Комисијата наведе и дека останува во контакт со земјите членки каде што се потребни дополнителни оперативни прилагодувања.
Затоа, патниците од земји надвор од ЕУ во наредниот период треба да сметаат на можноста за подолги проверки и да планираат дополнително време при патување преку надворешните граници на Шенген-зоната.



