Се судрија 10 автомобили на автопатот Тетово-Гостивар
19 сообраќајни незгоди се регистрирани последните часови поради ниските температури во Полошкиот Регион, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во тетовско имало четири сообраќајки, од кои една верижна во која учествувале 10 возила.
„Две сообраќајни незгоди се случија на автопатот Тетово-Гостивар, од кои една верижна со учество на 10 возила, една на локалниот пат Пирок-Боговиње и една на патот Тетово-село Требош. Регистрирана е уште една сообраќајна незгода, но за неа не било побарано да се изврши увид“, велат од ЦУК.
Од Полициската станица Гостивар се пријавени 15 сообраќајни незгоди, од кои на 10 бил извршен увид од страна на увидна екипа, додека за пет не е побаран увид поради договор помеѓу оштетените страни. Примени се и бројни пријави од жители од Тетово, Гостивар и од околните населени места за замрзнати споредни и локални улици.
„Регионалниот центар за управување со кризи Тетово стапи во контакт со надлежните лица од општините Тетово, Гостивар и Желино, од каде беше потврдено дека се ангажирани фирми за зимско одржување и дека на терен се врши посолување на патиштата по приоритети. Пријави беа примени од населбите Фазанерија и Циглана во Гостивар и од селата Долна Ѓоновица и Корита. Од Тетовскиот Регион пријави имаше од село Селце и од повеќе улици во градот Тетово. Во Тетово беше активиран Кризниот штаб и извршено е посолување на повеќе локални патишта“, велат од ЦУК.
Од секциите на „Македонија пат“ од Тетово, Попова Шапка и Гостивар информираа дека континуирано се на терен и вршат посолување на автопатите и регионалните патни правци под нивна надлежност. Поради снежни врнежи, на патниот правец Лисец-Попова Шапка е воведена задолжителна употреба на зимска опрема.



