Се претставувал дека е Панче Тошковски за да изнуди 28.000 евра: Скопјанец ќе одговара за измама
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против А.З.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
Пријавениот А.З., во периодот од 15 јули 2025 до 20 август 2025 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти довел и одржувал во заблуда лице од Скопје дека против него ќе биде поведена судска постапка доколку не исплати 1.500.000 денари.
„Имено, пријавениот А.З., познавајќи го оштетеното лице од минатото, во повеќе наврати од различни телефонски броеви, преставувајќи се во име на министерот за внатрешни работи и тројца јавни обвинители, ги барал од него паричните средства со цел да биде изземен од обвинение, односно да не биде спроведена постапка против него“, се вели во соопштението.
Оштетеното лице во четири наврати на различни локации во Скопје, на А.З. му ги дал побараните парични средства.