МакедонијаНајново

Се активира нова опрема за проверка на струјомери: Завршува ерата на неточни броила 

Ерата на високи сметки за струја и неточни броила заминува во историја. Граѓаните за скоро ќе добиваат точни податоци за потрошените киловат часови. Ова го најави министерката за енргетика, рударство и минерални суровини, Божиновска за време на посетата на бирото за Метеорологија. Македонија има современа апаратура за проверка на струјомерите, но, дали поради неажурност, или можеби од други причини, минатите власти не ја користеле.

Министерката Божиновска побара час поскоро, опремата се стави во употреба, за да можат граѓаните да добијат реални сметки за струја.  

„Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајна цел е, освен верификација на мерилата и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач. Активно работиме на воведување системски решенија кои ќе ја зголемат заштитата на граѓаните и ќе обезбедат поголема транспарентност и контрола врз мерењето на потрошената енергија“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Инаку станува збор за трофазен систем за мерење на електричната енергија, кој повеќе од седум години собирал прашина, не бил употребуван и депониран во подрумските простории на Бирото.

„Со оваа мерка, граѓаните ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција. Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент. Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности “,велат од Министерството.

Од раководството на Бирото уверија дека за брзо ќе биде распишан тендер за проверка на функционалноста на опремата и веднаш потоа ќе биде пуштена во употреба. Ќе биде направена и потребната обука на вработените, по што ќе може да се почне со проверка на броилата.

Инаку голем број од граѓаните реагираа на високите сметки за струја кои ги добија изминатите месеци. Од Регулаторна ги повикаа потрошувачите кои се незадоволни од пресметката на струјата да поднесат приговор до „ЕВН Хоум“, а доколку не се задоволни од одговорот на компанијата имаат право да се жалат и на нивна адреса.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons