РФМ има нов ВД генерален секретар
Новиот Управен одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска го одржа првото собрание на кое беше избран и нов ВД секретар.
Досегашниот директор на репрезентација, Влатко Тасевски ќе биде нов ВД генерален секретар на РФМ.
Тој на оваа функција ќе биде до изборот на новиот секретар кој треба да биде избран по пат на конкурс.
Филип Милошевски кој досега беше генерален секретар, доби благодарница од новото раководство за досегашната работа во федерацијата.
„Сакам да му се заблагодарам на Филип Милошевски за досегашната работа како Генерален секретар на РФМ. Тој оваа функција ја извршуваше успешно, квалитетно и посветено“, изјави новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов.
Комисиите при РФМ добија нови раководители. Дисциплинската комисија ќе ја води професорот Среќќко Георгиевски, претседател на Арбитражната комисија ќе биде Борко Бајалски, а Горан Милошевски ќе ја води регистрациската комиција.
Новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов предложи и премија за ракометарите ако ја совладаат Словенија во престојниот квалификациски меч за Европското првенство.
Ракометарите ќе поделат 1.000.000 денари ако ја победат Словенија.
Мечот со Словенија го играме на 12 март во Скопје со почеток од 20 часот во СЦ Борис Трајковски, а собирот на репрезентативците е три дена претходно.
На Словенија ќе ѝ гостуваме на 16 март во Копер од 18:30 часот.