Роман Абрамович и други биле отруени за време на руско-украинските преговори, пишува „Белингкет“
Рускиот олигарх Роман Абрамович и член на украинскиот преговарачки тим имале симптоми на труење откако се сретнаа во Киев на почетокот на месецов, пишува Волстрит Журнал.
Американскиот медиум приказната ја лансира заедно со истражувачката новинарска мрежа „Белингкет“, која претходно објави оти може да потврди дека тројца членови на делегациите што учествуваа на мировните преговори меѓу Украина и Русија ноќта меѓу 3 и 4 март 2022 година, почувствувале симптоми на труење со непознат хемиски агенс. Една од жртвите е рускиот бизнисмен Роман Абрамович, додека другите двајца биле Украинци.
Изворите велат дека Абрамович рекол дека за труењето се одговорни „тврди струи“ во Москва, кои сакале преговорите на не успеат.
Зеленски побара од Бајден да не го држи Абрамович под санкции
Роман Абрамович учествуваше во мировните преговори како посредник меѓу завојуваните страни. Тој наводно лично ја примил пораката што Зеленски му ја испратил на Путин.
Абрамович, како и повеќето олигарси, е под санкции од западните земји. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како што беше соопштено пред пет дена, побарал од претседателот Џо Бајден во телефонски разговор да не воведува санкции за рускиот олигарх Абрамович, бидејќи тој може да се покаже како корисен посредник во мировните преговори со Москва, пишува Волстрит журнал.
Како резултат на тоа, Белата куќа му наложила на Министерството за финансии да не продолжи со плановите за воведување санкции на Абрамович, велат извори запознаени со ситуацијата.
Истите извори наведуваат дека Бајден се консултирал со Зеленски за голем број санкции, вклучително и за Абрамович.