Речиси преполовени сметки за парно три месеци ќе стигаат до граѓаните
Висината на порамнувањето е различна за секој потрошувач и зависи од повеќе фактори, пред сѐ од количината на испорачана топлинска енергија, како и од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот, објаснуваат од ЕСМ.
Три месеци скопјани чии домови се загреваат на парно, ќе плаќаат пониски сметки. Првата сметка што е дел од редовното годишно порамнување веќе пристигна до потрошувачите, а ова ќе се повтори и во наредните два месеца кога ќе им бидат испорачани фактури со речиси преполовен износ за парно.
Од АД ЕСМ потсетуваат дека изминатата грејна сезона 2025/2026 започна порано од официјално утврдениот почеток, односно на 2 октомври 2025 година, а поради надворешните временски услови беше продолжена и по официјалниот завршеток на 15 април, односно до 2 мај 2026 година.
Но, како што истакнуваат, иако грејната сезона траеше подолго од вообичаеното, просечните надворешни температури во одредени периоди беа повисоки од прогнозираните температури што се користат при пресметката на авансните фактури.
Поради тоа стигнуваат „порамнети“ сметки, чиј износ не е процентуално определен и е различен за секој потрошувач.
По завршувањето на грејната сезона се врши редовното годишно порамнување на сметките за топлинска енергија, врз основа на разликата помеѓу реално потрошената и авансно фактурираната топлинска енергија. Поради тоа, намалувањето на сметките не е исто за сите потрошувачи и не може да се изрази како единствен процент. Висината на порамнувањето е различна за секој потрошувач и зависи од повеќе фактори, пред сѐ од количината на испорачана топлинска енергија, како и од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот – објаснуваат од ЕСМ.
Во врска со тоа зошто истиот намален износ се фактури во три сметки од компанијата прецизираат дека всушност утврдената разлика при порамнувањето се дели на три рати.
Доколку при годишното порамнување е утврдена разлика што треба да се фактурира, таа се распределува на три еднакви рати и соодветно се прикажува во фактурите за месеците мај, јуни и јули. Тоа значи дека кај конкретен потрошувач износот на порамнувањето е ист во овие три месеци, но не постои единствен износ што важи за сите потрошувачи бидејќи порамнувањето се пресметува индивидуално за секој потрошувач – велат од ЕСМ.
Во текот на летото, кога топлинскиот систем не е под притисок, е вистинско време граѓаните да ги проверат радијаторите и останатите внатрешни инсталации во зградите, чие одржување е нивна обврска. Доколку имало некакви ситни или поголеми дефекти добро е тоа навреме да се реши, за да не се случи повторно на почетокот на грејната сезона голем број објекти да останат без греење.
Радијаторите во становите треба редовно да се проверуваат, а по одреден број години и да се заменат, затоа што нивната трајност зависи пред сѐ од условите на одржување. Експерти посочуваат дека доколку потрошувачот ја одржува техничката и функционалната исправност на грејната инсталација, радијаторите може да траат минимум 10 години, во зависност од производителот, како и од условите на одржување.
Честопати во колективните згради во кои има многу станови се случува станарите со денови да останат без греење, затоа што сопственикот на станот каде што се појавил дефектот не се брза да го отстрани, најчесто затоа што не живее во него. Во таков случај, обврската да се реши проблемот е на Заедницата на станари, затоа што во колективните згради важат и одредени правила на заедничко живеење.
Пред почетокот на секоја грејна сезона од ЕСМ апелираат до граѓаните навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска.
Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација – апелираа од компанијата минатата година.



