Реконструкцијата на Владата може да трае со недели
Македонската опозиција нема намера да дозволи реконструкцијата на Владата да помине лесно. И на вториот ден од расправата во Собранието, народните избраници расправаат за првата точка, разрешувањето на министрите на Алтернатива. Околу 30 пратеници, повеќето од ВМРО-ДПМНЕ, чекаат на ред да земат збор, а нивниот број се зголемува поради репликите од нивните колеги. Од партијата на Мицкоски велат дека реконструкцијата се прави за лични интереси, а не за европската иднина на државата. Поради тоа ВМРО бара итни предвремени избори.
Пратениците од СДСМ пак, ја бранеа досегашната работа на Владата. веруваат дека новиот владин партнер ќе го зајакне мнозинството и политиките коишто се во тек.
„Намерите да се извалка фигурата на раководството на Алијанса за Албанците не само што не се правични, туку претставуваат и порака. Сакате да кажете дека сите сме исти. Не сме исти затоа што вашето криминално и коруптивно владеење 10 години со Груевски надмина библиски размери, а најлошо од сè е што вие не наоѓате сила ниту минимално да се дистанцирате од тоа“, рече Сурија Рашиди, Алијанса за Албанците.
По точката за разрешување на министрите од Алтернатива, на дневен ред треба да дојде гласањето на новите министри и заменици, најголем дел од нив од редовите на Алијанса. Партијата на Арбен Таравари ќе има тројца министри и двајца заменици. Со овој ритам седницата може да трае со недели.