Спорт

Рафа Надал: Не сум уморен од тенис, но телото не сака повеќе да играм и морам да го прифатам тоа

Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал стави крај на својата играчка кариера и одржа проштален говор.

– Постигнав повеќе отколку што можев и да сонувам, сакам да ме паметат како добра личност – започна Надал.

Рафа ја заврши кариерата со пораз од 6:4, 6:4 од Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп во четвртфиналниот меч од финалниот турнир во Дејвис купот во Малага. На крајот, Холандија ја совлада Шпанија со 2:1 и се пласираше во полуфиналето.

– Заврши 20-годишната професионална кариера која ме носеше во добри времиња, а во лоши моменти ме туркаше да продолжам да играм. Честитки за победата на Холандија. Му честитам и на шпанскиот тим бидејќи ми дозволија повторно да играм во Дејвис купот, кој не заврши како што сите посакувавме. Со тебе живеев многу важни моменти во кариерата, тоа беше привилегија – рече Надал.

Шпанецот во кариерата освои 92 титули, вклучувајќи 22 Грен слем трофеи. Со шпанскиот тим четири пати го освојуваше Дејвис купот.

– Реалноста е дека човек никогаш не сака да дојде до овој момент, не сум уморен од тенис, но моето тело не сака повеќе да играм и морам да го прифатам тоа. Се чувствувам привилегирано, можам да бидам благодарен што моето хоби е мојата професија – додаде Шпанецот.

Надал истакна дека сака да биде запаметен како добар човек.

– Титулите, бројките ги има, луѓето го знаат тоа, но јас би сакал да бидам запаметен како добар човек од мало гратче на Мајорка кој имал среќа да има вујко кој бил тениски тренер и одлично семејство кое ме поддржувало во секое време. Имам среќа, бидејќи животот ми даде можност да доживеам незаборавни работи благодарение на тенисот – заврши Надал.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons