Разврска на големата акција на МВР: Кривични против 27 лица за „шемата“ со возачки дозволи
Дваесет и седум лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи, кривично ќе одговараат поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
– Истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, при што преку незаконски измени во електронскиот систем биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина, соопштија од полицијата.
Според МВР, вработената во Одделението за управни работи Скопје во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра и овластувања, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите.
По измените, барањата биле одобрувани, а биле издавани возачки дозволи со невистинити податоци.
Со ваквото постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај постапката останала во обид. Во три случаи биле отфрлени претходно креираните барања, по што биле поднесени нови со незаконски внесени категории.
МВР утврдило и дека четири лица посредувале во незаконското издавање на возачките дозволи. Тие пронаоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената во МВР и ја координирале постапката до внесувањето и одобрувањето на категориите во електронскиот систем.
За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „фалсификување исправа“, како и уште едно исто дело во обид.
– Останатите пријавени лица, според сомнежите на истрагата, учествувале во незаконското издавање на возачките дозволи во договор и содејство со вработената. Лицата на кои им биле издадени дозволите, иако не ги исполнувале законските услови за соодветните категории, исто така се сомничат за фалсификување исправа во соизвршителство, информираа од МВР.
Дополнително, шест лица ги употребиле незаконски издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги употребиле и при постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.
За овие дејствија постојат основи на сомнение за шест кривични дела „Употреба на исправа со невистинита содржина“.
По откриените неправилности, МВР го известило Министерството за транспорт и побарало вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност. Побарано е и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.
Против вработената во МВР ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе биде изречена и мерка отстранување, односно суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.



