Свет

Продолжува бранот стечаи на фирми во Германија 

Германските судови примиле значително повеќе барања од компании за почнување стечајна постапка и во септември, покажале денес прелиминарните податоци од сојузниот завод за статистика.

Бројот на барања во септември бил за 10,4 отсто поголем отколку во истиот месец минатата година, објави Дестатис, истакнувајќи дека пресметката ги вклучува само барањата за кои стечајниот суд веќе ја издал својата прва пресуда. Во август, нивниот број се зголемил за 11,6 отсто на годишно ниво.

Компаниите обично поднесуваат барање приближно три месеци пред пресудата, а во јули, според конечните резултати, судовите регистрирале 2.197 стечаи на правни лица, за 13,4 отсто повеќе отколку во истиот месец минатата година.

Вкупната вредност на побарувањата на доверителите изнесувала 3,7 милијарди евра во јули, во споредба со 3,2 милијарди евра во јули 2024 година, а компаниите во секторот за транспорт и складирање се во особено тешка позиција, според податоците за побарувањата.

Неколку кредитни агенции очекуваат дека бројот на стечаи на компании во Германија во 2025 година ќе биде поголем од минатата година. Во целата 2024 година, според податоците на статистичкиот завод, судовите регистрирале вкупно 21.812 барања, дури 22,,4 отсто повеќе отколку во 2023 година и најмногу од 2015 година.

Аналитичарите забележуваат дека бранот на банкроти е очекуван бидејќи државата ја суспендираше поддршката од периодот на пандемијата на коронавирусот. Во текот на двете последователни години рецесија во најголемата европска економија, високите цени на енергијата, бирократијата и политичката неизвесност ги оптоварија компаниите, забележува новинската агенција ДПА.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons