Проблем во селото на Дедо Мраз – нема снег
Еден месец пред Божиќ, Дедо Мраз е зафатен со подготовки, но го загрижува сѐ потоплата клима и недостигот на снег во неговиот арктички дом.
Во овој период од годината градот Рованиеми во финската провинција Лапонија, кој финските власти го рекламираа како „вистински“ дом на Дедо Мраз уште од 80-тите години, треба да биде покриен со снег. Но, до неодамна врнеше дожд, а температурата беше 2 Целзиусови степени.
– Мојот ирвас може да лета, па тоа не е проблем. Но, можеме да видиме дека климатските промени се реални. И тоа влијае врз ирвасите. Тоа влијае врз животот овде на Арктикот – рече Дедо Мраз додека ги одмараше своите уморни нозе по долгиот ден поминат со возбудени деца и возрасни.
Сточарите тврдат дека поблагите и понепредвидливи зими им отежнуваат на ирвасите да стигнат до лишаите, кои се нивна главна храна. Снегот се топи, а потоа замрзнува, оставајќи ги лишаите под тврдиот мраз.
Арктикот се загрева речиси четирипати побрзо од другите делови на светот поради климатските промени, според истражување објавено од финските научници во 2022 година.
Повисоките температури, поттикнати од согорувањето на фосилните горива, во последниве години доведоа до временски непогоди, како што се поплави и суши.
Во Лапонија, по историски топлото лето, беше соборен нов температурен рекорд овој месец кога во градот Уцјоки беа измерени 11,1 степени. Претходниот рекорд од 1975 година беше 11 степени.
Туристички бум
Туристи од сите делови на светот доаѓаат во Рованиеми за да го видат волшебниот снежен пејзаж и да го искусат арктичкиот студ. Многумина се надеваат дека ќе ги видат спектакуларните бои на поларната светлина.
Минатата година во градот имало повеќе од еден милион ноќевања, што е најмногу досега.
Исто така, посетителите што сакаат да се сретнат со Дедо Мраз можат да го сторат тоа на неколку места во Рованиеми, вклучувајќи го подземниот тематски парк и блиското на село Дедо Мраз, кое е отворено во текот на целата година.
– Мислев дека ќе има многу повеќе снег – вели Венгел, турист од САД.
Во селото има и пошта, каде што џуџињата со црвени капи вредно сортираат купишта писма.
– Во декември имало и по 30.000 писма секој ден – вели Хеиди Мустонен, која работи тука повеќе од 20 години.
Таа додаде дека повеќе од половина милион писма за Дедо Мраз пристигнуваат секоја година, нагласувајќи дека секое од нив треба да се отвори и внимателно да се прочита.
Хеиди вели дека ѝ се допаѓа топлата и радосна атмосфера во селото на Дедо Мраз, но би сакала и да падне снег и да го направи местото уште поубаво.
Извор: 6yka.com
Фото: Instagram