Пристигнаа првите Инстаграм стикери на македонски јазик – еве како да ги најдете
Достапна е првата едиција стикери на македонски јазик за социјалната мрежа Instagram. Најавувајќи ја, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, соопшти дека станува збор за 13 стикери, кои можат да се најдат под рубриката GIF, со впишување на клучни зборови како: петок, petok, петокмие, petokmie.
Станува збор за фрази, зборови кои се дел од разговорниот јазик на помладите генерации. Истите можат да се слушнат при нивните разговори на кафе или пијачка, во читална, во аулата на факултет, во парк, во маало.
„Дојди во маало“, „Штеди, криза е“, „Верувај во себе“, „Ај на клупи“, „Седни учи“, „Тотално зелени“, „Испитна ми е“, „Не се сите исти“, „Лето е“ се дел од првата група стикери. Истите имаат за цел да ги поттикнат младите на социјализација, учење и реализирање на нивните обврски, кон себе си и заедницата во која живеат.
Втората група стикери се однесува на моментите на дружење, дочекување на викендот, како период кога одмараме, имаме повеќе време за себе и за луѓето кои ги сакаме. И тука можете да ги користите стикерите како: „Петок ми е“, „Живеам за викенд“ и „Сите сме луди“.
Основната цел е младите, но и сите граѓани повеќе да го користат македонскиот јазик на социјалните мрежи. Дигиталните медиуми и алатки, социјалните мрежи го променија начинот на комуникација. Со тоа, треба и ние да се адаптираме на промените и македонскиот јазик уште повеќе да го доближиме до младите луѓе.
Заштитата и афирмацијата на јазикот треба да биде од секој аспект, вклучително и во контекстот во кој се однесуваат и изразуваат новите генерации.
Овие стикери за социјални мрежи произлегуваат од она што младите навистина го зборуваат меѓу себе. Повикуваат на акција, одговорност, но содржат и моменти на хумор и фрази кои ги користат во секојдневната неформална комуникација.
Првата едиција стикери на македонски јазик е авторски проект на Ико Илиевски и Димитар Караташев, дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2022, објавен од Министерството за култура.