Приведени шест возачи, тројца од нив возеле пијани, едниот ги нападнал полицајците
Шест возачи се приведени во изминатите 24 часа поради безобѕирно управување возило – тројца биле под дејство на алкохол, а двајца предизвикале сообраќајни незгоди, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје биле лишени од слобода двајца возачи кои управувале возила под дејство на алкохол. Едниот управувал мопед и кај него биле измерени 1,85 промили алкохол во крвта, додека другиот управувал патничко моторно возило со исто количество алкохол во крвта и предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во метална ограда.
Во Дебар, возач на патничко моторно возило бил уапсен откако било утврдено дека управувал под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,75 промили алкохол во крвта. Тој предизвикал сообраќајна незгода и физички нападнал полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
Во Крушево, како што информираат од МВР, бил затекнат возач кој управувал возило без да поседува возачка дозвола, додека во Македонска Каменица било утврдено дека возач управувал патничко моторно возило и покрај изречена активна забрана за управување. Во Скопје, пак, бил лишен од слобода возач кој управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола.
По целосното документирање на настаните, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, велат од МВР.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Управувањето возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола или спротивно на законските ограничувања директно ја загрозува безбедноста во сообраќајот и може да има сериозни последици по животот и здравјето на сите учесници.



