Предлог од Јужна Америка: Светско првенство со 64 репрезентации
И покрај тоа што има реакции дека проширувањето на Мундијалот на 48 репрезентации е погрешна одлука, се заговара Светско првенство со 64 селекции за 2030 година.
Потпретседателот на ФИФА и претседател на јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингез, смета дека Светското првенство во 2030 година би требало да има 64 селекции. Тоа би било безмалку третина од селекциите кои се на ФИФА ранг листата.
Мундијал во така голем формат би бил само во 2030 година со оглед на тоа што Светското првенство таа година е јубилејно, 100 години Мундијал. А ко-организатори се дури шест држави на три континенти Шпанија, Португалија, Мароко, Уругвај, Аргентина и Парагвај.
„Со оглед на тоа што во 2030 година ќе одбележиме 100 години од првиот шампионат одржан во Уругвај, сметам дека би можеле да направиме нешто единствено. Според мене, тоа би било првенство со 64 земји учеснички. Мислам дека тоа ќе биде единствена можност да го обединиме светот, да ги здружиме луѓето од фудбалот и тоа да биде поинаку од сето досега видено“, смета Домингез според кого од 2034 година бројот на учесници би се вратил на 48.
Останува да се види дали ваквиот предлог ќе има поддршка од останатите членови на ФИФА.



