Почнаа подготовките за избор на нов папа, исходот понеизвесен од кога било
Подготовките за избор на нов папа се во тек, а исходот е понеизвесен од кога било досега. Многумина од кардиналите првпат ќе учествуваат на конклавата.
Конклавата што ќе го избере новиот папа вклучува 135 кардинали што следната недела ќе се соберат во Сикстинската капела за да го изберат наследникот на папата Франциско, пишува Гардијан.
Голем број од кардиналите што ќе гласаат беа назначени на конклавата од самиот папа во изминатите 12 години, а 20 функционери ја добија титулата кардинал дури во декември минатата година.
Многумина никогаш порано не се запознале меѓусебе.
Пред официјалниот почеток на конклавата, во тек се дискусии и лобирање во ходниците, трпезариите и градините на Ватикан, пишува Гардијан.
Упатените во Ватикан велат дека повеќе од 20 кардинали се идентификувани како можни кандидати за понтиф.
Сепак, мал е бројот на оние што се квалификуваат како главни кандидати што поминуваат низ повеќе кругови на гласање.
Хорхе Марио Бергољо, што е вистинското име на папата Франциско, не се сметаше за еден од кандидатите во 2013 година, но сепак на крајот од гласањето беше избран за поглавар на Римокатоличката црква, потсетува Гардијан.
Меѓу кардиналите што се очекува да го поддржат конзервативниот наследник на папата Франциско се Рејмонд Бурк, американски бискуп што е поддржувач на претседателот Доналд Трамп, како и германскиот кардинал Герхард Милер.
Како што пишува Гардијан, во таборот што ќе го поддржи прогресивниот кандидат се кардиналите Жан Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Редклиф од Англија и Мајкл Церни од Канада.
Папата Франциско избра околу сто кардинали за конклавата и настојуваше да потекнуваат од многу мали католички средини како Иран, Алжир и Монголија.
Тој се обиде и да ја намали старосната граница за избор на кардинали, па седуммина од нив што беа назначени во декември беа помлади од 60 години.
Во 2013 година, повеќе од половина од кардиналите во конклавата беа од Европа, а сега тој процент е намален на 39 отсто, додека 18 отсто се од Азија, 18 отсто се од Латинска Америка и Карибите, а 12 отсто се од супсахарска Африка.