Починати се три лица, работници на Страбаг, во страотната сообраќајка на патот Штип – Радовиш
Загинатите патници во утринската сообраќајна несреќа кај Балталиска река на патот Штип – Радовиш се работници на Страбаг кои биле превезувани на работа, пренесува штипската ТВ Стар.
Според први и неофицијални сознанија, комбето од секојдневната вообичаена рута денес излетало од патот и од мостот се срушило најверојатно поради неприлагодена брзина или пукање на гума.
Трета варијанта е и невнимателност, што треба да го утврдат увидните екипи кои сеуште се на терен.
Освен починатите тројца, има и преживеано лице на кое му се укажува лекарска помош во клиничката болница во Штип. Лицето е контактибилно.
Повеќе детали за несреќата од МВР се очекуваат подоцна во денот.