Помилување претседателот ќе може да даде само по правосилна пресуда, велат од Министерството за правда
Откако вчера Владата соопшти дека на седница бил разгледан и прифатен предлог Законот за помилување, од Министерството за правда како предлагач денеска информираат дека со новото законско решение помилување претседателот на државата ќе може да се даде само откако ќе биде донесена правосилна судска пресуда. Односно, како што велат од министерсството, помилување ќе може да се даде само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица.
Објавено на
7.12.2023 – 11:19
Сподели
При изготвување на законот, како што соопштија од Министерството за правда, биле разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.
Од Министерството за правда велат дека причините за донесување на Законот за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот.
„Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, објаснуваат од Министерството за правда.
Исто така, се вели во соопштението, се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени.