МакедонијаНајново

Полициските возила ќе снимаат сообраќајни прекршоци и таму каде што нема „Безбеден град“

Од 2027 година возилата на Министерството за внатрешни работи ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и на патиштата каде што не е поставен системот „Безбеден град“. Полициските возила, и кога се во мирување и кога се движат, ќе можат да детектираат прекршоци, а податоците директно ќе се внесуваат во дигиталниот систем за обработка и доставување на казните.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека од почетокот на примената на мерката ќе бидат вклучени голем број возила на МВР.

Тој посочи дека возачите веќе научиле каде се поставени камерите на „Безбеден град“ и таму ги почитуваат сообраќајните правила, но на местата каде што нема камери сè уште се забележува поинаков начин на управување со возилата.

„Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите и тоа е добро. Е, сега, нема да може да претпостават каде ќе бидат полициските возила. Тие ќе може да констатираат прекршок и тој директно ќе биде внесен во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување и процесирање на сите прекршоци“, изјави Тошковски по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030.

Тој додаде дека мерката ќе биде особено важна за остварување на целите предвидени во стратегијата.

Тошковски соопшти и дека до крајот на ноември треба да заврши воведувањето на системот „Безбеден град“ во СВР Струмица и градовите што ги покрива овој сектор за внатрешни работи. Потоа, системот ќе биде имплементиран во СВР Штип.

Очекува до крајот на годинава или на почетокот на 2027 година „Безбеден град“ да почне да се применува на целата територија на Македонија.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons