Познато колку пари ќе чини секој прекршок регистриран од „Безбеден град“
Откако во Собранието беа изгласани измените на Законот за прекршоци што значи и зелено светло за официјален старт на системот за следење на прекршоците во сообраќајот „Безбеден град“, извесна е и сумата на глобите што граѓаните кои не ги почитуваат сообраќајните правила ќе ги плаќаат. Ќе се санкционираат четири прекршоци во сообраќајот. Првиот од нив е пречекорувањето на дозволената брзина. Колку пари ќе биде глобата, ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози.
За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. Тој што ќе вози од 20-30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку 1 година.
Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола следува казна од 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
Непрописното запирање и паркирање исто така е санкциониран прекршок со „Безбеден град“. За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Ако казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата.
Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Вчера со 81 глас „за“ наспроти 19 „против“ пратениците по скратена постапка ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за прекршоци, отворајќи го патот за автоматско снимање и санкционирање на прекршоците.



