Пожар избувна во ТЕЦ Осломеј, три недели откако беше приклучен на мрежа
Пожар доцна синоќа избувнал во термоелектраната Осломеј кај Кичево, а пријавата пристигнала нешто по 20.00 часот при што веднаш на терен пристигнале екипи од територијалната противпожарна единица. Пожарот се гаснел до полноќ.
Во моментов нема информации за штетата и дали воопшто во овој момент термоелектраната, која е стара 42 години и користи сопствен и увозен јаглен, произведува електрична енергија.
„Во период од 20:15 до 23:45 часот, со 5 пожарникари и 2 ПП возило интервенирале на појавен пожар во ТЕЦ-Осломеј во просториите кај што биле сместени турбините“, соопштиле од Регионалниот центар за управување со кризи во Охрид.
Воздухот во градот предизвикувал лош мирис, а зголемување на загаденоста не можела да се потврди бидејќи мерната станица не испраќа податоци.
Во меѓувреме се огласи и ЕСМ, кој известува дека ТЕЦ Осломеј е исклучен поради самозапалување на јаглен надвор од електраната, во делот за отпепелување и дека се очекува за брзо време капацитетот да биде вратен на мрежа.
„Термоелектраната Осломеј вечерва е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што доведе до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел. Настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за запостапување.
Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј“, соопшти ЕСМ.
ТЕЦ Осломеј беше вклучен на мрежа на 3 декември. Во претходниот период се вршеа неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта.
Кичевскиот капацитет е најпотребен за зимските месеци, кога потребата од електрична енергија е најголема, а истовремено купувањето струја од странство е скапа опција.