Поевтинување низ маркетите – Пристигнува „новогодишната кошничка“
Наскоро околу 600 производи низ маркетите ќе чинат поевтино. Во изјава за медиумите министерот за економија Бесим Дурмиши посочи дека и новогодишната кошничка, исто како есенската, ќе трае еден месец, а ќе биде прецизирана веќе кон крајот на следната недела.
„Цело време сме во контакт со стопанските комори, синдикалците, трговците и производителите. Идната недела ќе бидете известени. При крај е со подготовката за новогодишната кошничка, предвидени се над 600 производи кои ќе ги опфати оваа мерка, но повеќе детали ќе ви дадеме идната недела оти предвидено е некаде во четврток или петок да ја објавиме кошничката“, рече Дурмиши, не откривајќи повеќе детали.
Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка која траеше до 31 октомври. Со неа беа опфатени околу 70 производи на кои им беа ограничени профитните маржи.